Што:
Приказната „Бременост“ нуди информации за начинот на зачнување, начинот на откривање на бременоста, развојот на бременоста и крајниот чин на раѓање, односно породување. Запознавањето со чинот на репродукција, еден од природните процеси кој се случува кај човекот е особено важно за спознавање на начинот на кој телото на човекот функционира и создава потомство.
Зошто е важно:
Запознавањето со основните карактеристики на бременоста нуди можност Вашето дете/ученик/роднина/корисник подобро да го разбере начинот на кој човековото тело функционира и воедно да ги сфати промените кои се случуваат во блиското опкружување (раѓање на брат/сестра, бремена девојка/жена од поширокото семејство, роднини или пријатели и познаници и др.). На прилагодено ниво, понудени се информации кои го илустрираат процесот од зачнување до раѓање на бебето. Токму оваа приказна претставува соединување на претходно стекнатите знаења од неколку приказни, како репродуктивни органи, функција на репродуктивни органи и сексуален однос.
Кога е соодветно да се обработува приказната?
Обезбедувањето на информации на прашањето „Од каде доаѓаат бебињата?“ или „Како се создаваат бебињата?“ треба да биде присутно уште од рана возраст, односно кога Вашето дете/ученик/роднина/корисник ќе Ви ги постави наведените прашања. Сепак, согласно понудените илустрации и информациите приказната „Бременост“ се препорачува да се обработува со лица над 8-9 годишна возраст, кога лицето всушност не го интересира само од каде излегуваат, доаѓаат бебињата, туку и како се прават, односно како настануваат. Сфаќањето на процесот на зачнување претставува основа за усвојување на содржината на приказната за „Контрацепција“.