Што:
Оваа приказна претставува еден вид надополнување на претходната приказна за репродуктивни органи. Информациите понудени во приказната ја претставуваат уникатната функција на репродуктивните органи во процесот на репродукција на човекот.
Зошто е важно:
Запознавањето со функцијата на репродуктивните органи претставува еден вид на објаснување зошто тие органи воопшто постојат во телото на човекот. На начин прилагоден на можностите и способностите на Вашето дете/ученик/роднина/корисник понудени се информации кои ја илустрираат репродуктивната функција на органите. На овој начин Вашето дете/ученик/роднина/корисник добива информации зошто ги имаме тие органи во нашето тело, а не само кои органи ги имаме во нашето тело. Следствено се создава добар фонд на знаење, потребно за разбирање и сфаќање на содржината на следните приказни, кои ќе ја обработуваат менструацијата, бременоста и контрацепција.
Кога е соодветно да се обработува приказната?
Како и приказната за репродуктивни органи, така и оваа приказна се препорачува да се обработи пред започнување на пубертетот или во текот на самиот пубертет. На овој начин се зголемува можноста Вашето дете/ученик/роднина/корисник логички да ги поврзе, усвои претходно обработените податоци за промените кои настануваат во пубертетот, како влажен сон, ерекција, мастурбација, менструација и сл. Но, исто така претставува и основа за усвојување на содржината на приказните кои ќе се обработуваат во иднина (сексуален однос, бременост, контрацепција и сл.). Секогаш разбирање на начинот на кој телото функционира претставува предуслов за зголемување на самостојноста на Вашето дете/ученик/роднина/корисник, секако во зависност од неговите/нејзините индивидуални можности и способности.