Што:
Во оваа приказна може да најдете информации за дел од промените кои настануваат за време на пубертетот, како ерекција и влажен сон или ноќна ејакулација. Оваа тема е важна бидејќи преку запознавањето со промените лицата со АСН учат да ги прифаќаат истите како дел од секојдневното функционирање. Конкретно понудените и експлицитно објаснети информации за ерекцијата и влажниот сон се од големо значење за навремено подготвување на лицата со АСН за промените кои им претстојат или ги доживуваат во моментот.
Зошто е важно:
Запознавањето со промени кои не може да се контролираат, како ерекцијата и влажниот сон им овозможува на лицата со АСН навремено да бидат информирани за истите и детално запознаени со карактеристиките на наведените појави. На овој начин се влијае барем делумно да се намали изненадувањето при воочување на ерекцијата и влажниот сон, односно ејакулацијата од истиот. Запознавањето со промените на сопственото тело претставува предуслов за прифаќање на истите. Приказната за Мокар сон/Влажен сон визуелно го претставува она што лицето со АСН не може да го види за време на сонот, како ерекцијата и ејакулацијата. Илустрациите овозможуваат чекор по чекор запознавање со целиот процес на влажен сон и ја објаснуваат појавата на сперма на гаќите и пижамите. Дополнително информациите за одржување на интимна хигиена, по влажен сон, нудат конкретни насоки кои следни чекори треба лицето да ги направи за да отстранат трагите од влажниот сон-ејакулацијата.
Кога е соодветно да се обработува приказната?
Имајќи предвид дека влажниот сон или ноќната ејакулација претставува една од повеќето промени кои се јавуваат во текот на пубертетот се препорачува запознавањето со истите да започне една до две години пред започнување на пубертетот, во зависност од темпото со кое Вашето дете/ученик/роднина/корисник восприема нови информации. На овој начин Вашето дете/ученик/роднина/корисник ќе биде подготвено за промените кои го очекуваат и со тоа ќе се намали можноста за несакани изненадувања. Во текот на обработката на приказната многу е важно да се наведе дека влажниот сон или ноќната ејакулација се јавува кај многу момчиња кои се во пубертет. На овој начин влажниот сон/ноќната ејакулација се претставува како појава и кај други момчиња, а не само кај него.