Што:
Во оваа приказна може да најдете информации за приватните делови на телото, нивната правилна терминологија и нивната функција. Идентификувањето на приватните делови е значајно за поттикнување на социјално прифатливо однесување. Запознавањето со приватните делови, како делови на телото кои во најголем дел од времето треба да бидат покриени, претставува основа за разбирање и почитување на социјалните норми кога станува збор за облекување и соблекување.
Зошто е важно:
Запознавањето на приватните делови на телото создава основа Вашето дете/ученик/роднина/корисник, во текот на натамошната сексуална едукација, да научи зошто треба да носи облека и каде може да биде гол. Овие три теми (Приватни делови на телото; Зошто носам облека; Каде може да бидам гол) се тесно поврзани меѓусебе со една цел – да се разберат и почитуваат социјалните норми во средината во која Вашето дете/ученик/роднина/корисник живее. Идентификувањето на луѓето и ситуациите во кои тие луѓе може да ги видат приватните делови на детето/лицето ја намалува можноста за злоупотреба.
Кога е соодветно да се обработува приказната:
Запознавањето на приватните делови на телото, како приватни, започнува со навршувањето на 5-тата година. Токму во тој период кај децата се јавува интерес за игри како „доктор“ или „маж и жена“ каде имаат можност да ги запознаат голите тела на учесниците во играта, начесто од спротивниот пол. Во овој период потребно е да се воспостават граници во однос на каде може да се соблекуваат и кој може да ги види нивните приватни делови. Зависно од моменталните можности и способности на Вашето дете/ученик/роднина/корисник запознавањето на приватните делови на телото ќе се одвива со различно темпо. При обработка на приказната, покрај понудените илустрации, користете ги природните ситуации за учење. На пример, за време на облекување, соблекување и бањање на Вашето дете/ученик/роднина/корисник именувајте ги приватните делови на телото, како делови кои припаѓаат само на него/неа. Истовремено набројте ги луѓето кои може да ги видат нивните приватни делови и во кои ситуации. Обидете се едукативниот дел да го вклучите на мошне неформален начин, за време на секојдневните активности, како облекување, соблекување, тоалет, бањање и сл. (Сега ќе ја затворам вратата. Така луѓето надвор нема да го видат твојот пенис. Јас (мама) и тато може да го видиме твојот пенис. Пенисот е само твој.)